Регион

БРОД СО 77 МИГРАНТИ ПОТОНА КАЈ ГРЦИЈА: ЕДЕН ЗАГИНАТ, 25 МИГРАНТИ СЕ ВОДАТ КАКО ИСЧЕЗНАТИ

Еден мигрант загина, а 25 се водат како исчезнати откако брод со 77 лица потона јужно од грчкиот остров Гавдос. Спасени се 51 лице.

БРОД СО 77 МИГРАНТИ ПОТОНА КАЈ ГРЦИЈА: ЕДЕН ЗАГИНАТ, 25 МИГРАНТИ СЕ ВОДАТ КАКО ИСЧЕЗНАТИ

Еден човек загина, а 25 лица се водат како исчезнати откако брод со мигранти потона во морето јужно од грчкиот остров Гавдос, соопшти грчката крајбрежна стража за AFP. Според сведочењата на спасените, на бродот имало вкупно 77 лица, од кои 51 биле спасени од две пловила што се нашле во близина. Едно лице било пронајдено без знаци на живот. Несреќата предизвика голема спасувачка операција во областа јужно од Крит, додека властите продолжуваат да трагаат по исчезнатите. Гавдос и Крит во последните години се меѓу главните точки преку кои баратели на азил пристигнуваат во Грција, особено од правец на либискиот брег.

25 МИГРАНТИ СÈ УШТЕ СЕ ВОДАТ КАКО ИСЧЕЗНАТИ

Спасувачките екипи продолжуваат со пребарувањето на морската област, а засега нема информации за националноста на мигрантите. Според податоците објавени од Neos Kosmos, Крит и Гавдос се наоѓаат на околу 320 километри од либискиот брег и претставуваат значајна мигрантска рута кон Грција.

ГАВДОС – ЕДНА ОД ГЛАВНИТЕ РУТИ КОН ГРЦИЈА

Иако бројот на пристигнувања во Грција во последниот период е намален, оваа рута и понатаму се користи од мигранти кои се обидуваат да стигнат до Европа. Грчките власти во последните години воведуваат построги политики за справување со нерегуларните пристигнувања.

Жан Митрев