Хроника
Дознај прв
Полицаец наплаќал казни во кеш – Буџетот оштетен за најмалку 85.500 денари
Скопски полицаец е осомничен дека наплаќал казни во готовина и ги задржувал парите, со што го оштетил буџетот за најмалку 85.500 денари.

Наплаќал во готовина наместо преку ПОС-терминал
Полициски службеник од Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Скопје е осомничен за продолжена злоупотреба на службената положба и овластувањето. Според Обвинителството, од април до јули годинава, додека работел во депото на ЈП „Градски паркинг“, тој во готовина наплаќал казни од возачи чии автомобили биле подигнати со пајак поради непрописно паркирање. Наместо уплатата да ја изврши преку ПОС-терминал, на записниците приложувал слипови од претходни трансакции извршени за други лица. Парите што ги примал во готовина ги задржувал за себе, со што државниот буџет бил оштетен за најмалку 85.500 денари.
На дел од возачите им пишувал помали казни или ги пуштал без записник
Осомничениот во одредени случаи прекршоците ги прикажувал како полесни и изрекувал пониски глоби од предвидените. На други лица воопшто не им изготвувал записници ниту им наплаќал казни, туку им дозволувал истиот ден да ги земат возилата од депото. Обвинителот побарал притвор поради опасност од бегство, повторување на делото и можно влијание врз сведоците. Судијата го прифатил предлогот и на полицискиот службеник му определил притвор во траење од осум дена.
