Регион

СРБИН РЕЧИСИ ИЗЛЕТАЛ НИЗ ПРОЗОРЕЦ ОД АВИОН: „Рајанер“ му понудил само нов лет

Љубиша Каровиќ од Србија бара отштета откако скршен прозорец го повлекол надвор од авион на лет од Солун кон Меминген.

СРБИН РЕЧИСИ ИЗЛЕТАЛ НИЗ ПРОЗОРЕЦ ОД АВИОН: „Рајанер“ му понудил само нов лет

Шеесет и едногодишниот Љубиша Каровиќ од Србија бара отштета од „Рајанер“, откако за време на лет речиси бил извлечен низ скршен прозорец од авионот. Инцидентот се случил на 10 јули на летот од Солун кон германскиот град Меминген. Каровиќ тврди дека две недели подоцна авиокомпанијата не го контактирала лично, а на неговиот син му испратила порака со понуда за нов лет.

Сопругата и патниците го држеле за нозете

Каровиќ спиел на седиштето покрај прозорецот кога се слушнала силна експлозија и прозорецот се скршил. Поради наглото губење на притисокот, тој бил делумно извлечен надвор од авионот, а неговата сопруга Светлана и уште неколку патници го држеле за нозете и го повлекле назад. Авионот веднаш започнал итно спуштање и се вратил во Солун, каде што патникот бил преземен од медицински екипи.

Ангажирал адвокат и бара значителна отштета

Каровиќ се здобил со повреди на вратот и рамото, модринки и изгореници од триење, а по настанот се соочува и со сериозни психолошки последици. Неговиот адвокат најави барање за значителна отштета и утврдување на одговорноста за состојбата на авионот. „Рајанер“ соопшти дека екипажот постапил според процедурите и дека компанијата целосно соработува со независната истрага за причините за инцидентот.