Регион

ДЕН НА ЖАЛОСТ ВО БУГАРИЈА: 11 загинати и 51 повреден во верижните судири со 86 возила

Бугарија го прогласи 11 ноември за ден на национална жалост по верижните несреќи со 86 возила на автопатот „Тракија“, во кои загинаа 11 лица, а 51 е повредено.

ДЕН НА ЖАЛОСТ ВО БУГАРИЈА: 11 загинати и 51 повреден во верижните судири со 86 возила
фото - БГНЕС

Бугарската влада го прогласи 11 ноември за ден на национална жалост во спомен на загинатите во двете тешки сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“. Во верижните судири, кои се случија вчера околу 7 часот наутро, животот го загубија 11 лица, а 51 лице беше повредено. Во несреќите учествувале вкупно 86 возила, а повредените се лекуваат во болниците во Јамбол, Сливен и Бургас.

Сообраќајот беше во прекин до доцна во вечерните часови

Тешките судири се случија на делницата меѓу клучките „Зимница“ и „Кабиле“, во близина на Јамбол. Сообраќајот на автопатот „Тракија“ остана во прекин до доцна во вечерните часови, пренесува БТА.

Истрагата во Бугарија треба да ја утврди точната причина

Истрагата за несреќите е доверена на Националната истражна служба, соопшти вршителот на должност директор Маријан Маринов. Тој посочи дека густата магла била фактор што придонел за несреќите, бидејќи видливоста била намалена до нивоа споредливи со ноќни услови. Сепак, прецизната причина за првичниот удар ќе биде утврдена преку сеопфатна истрага и вештачења.

ОЗНАКИ: бугарија
Жан Митрев