Македонија
Дознај прв
БУЏЕТОТ ЗА 2027 ГОДИНА ГО ПОДЕЛИ СОБРАНИЕТО: Власта ветува развој, опозицијата алармира за милијардски долг
Предлог-буџетот за 2027 година предизвика спротивставени реакции во Собранието. Владата најавува економски раст, а опозицијата предупредува на раст на јавниот долг и каматите.

На собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска започна расправата за Предлог-буџетот за 2027 година, при што власта и опозицијата изнесоа спротивставени ставови за економските проекции, капиталните инвестиции и задолжувањето на државата.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го предлогот пред пратениците, истакна дека буџетот е насочен кон одржување стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување на фискалната консолидација и поттикнување на економскиот раст преку развојни инвестиции и редовно сервисирање на обврските кон граѓаните.
Приходите и расходите за 2027 година
Според проекциите на Министерството за финансии, вкупните приходи во 2027 година се планирани на 395,4 милијарди денари, што претставува зголемување од 5,7 проценти во споредба со 2026 година. Вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, односно раст од 4,8 проценти.
Буџетскиот дефицит е предвиден на 45 милијарди денари, или 3,5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), додека за капитални инвестиции се планирани 40,8 милијарди денари.
Владата очекува економски раст од 3,8 проценти, кој главно би бил поттикнат од домашната побарувачка и бруто-инвестициите. Според проекциите, бруто-инвестициите треба да пораснат за 6,8 проценти, приватната потрошувачка за 2,5 проценти, а јавната потрошувачка за 1,1 процент.
Во структурата на приходите, даночните приходи се планирани на 223,1 милијарда денари, социјалните придонеси на 133,8 милијарди, неданочните приходи на 30,5 милијарди, а донациите на пет милијарди денари.
Проекции за инфлацијата, платите и вработеноста
Просечната инфлација за 2027 година е проектирана на 3,2 проценти, додека се очекува вработеноста да се зголеми за 1,2 проценти, а просечната нето-плата да порасне за 6,7 проценти.
Министерката Димитриеска-Кочоска посочи дека приоритет ќе остане подобрувањето на наплатата на приходите, дигитализацијата на процесите и намалувањето на неформалната економија.
Опозицијата предупредува на раст на долгот и каматите
Од друга страна, пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, упати критики за предложениот буџет, оценувајќи дека Владата бара доверба за управување со повеќе од 440 милијарди денари јавни средства, без притоа да покаже доволно транспарентност и одговорност. Во своето обраќање тој направи паралела и со случајот „Алта банка“.
Битиќи предупреди на, како што посочи, сериозен дисбаланс меѓу средствата наменети за камати и оние предвидени за развојни инвестиции. Според него, расходите за камати се зголемуваат за 18,2 проценти, додека капиталните расходи бележат раст од само 1,7 проценти.
„За секој дополнителен денар планиран за капитални инвестиции, се предвидуваат приближно пет и пол дополнителни денари за камати. Товарот од сервисирањето на јавниот долг расте многу побрзо од новите вложувања во економската иднина“, изјави Битиќи.
Тој посочи и дека јавниот долг достигнал 10,93 милијарди евра, во споредба со 8,48 милијарди евра на крајот на 2023 година. Тоа претставува зголемување од 2,45 милијарди евра, односно речиси 29 проценти, или околу 6.000 евра долг по жител.
Битиќи додаде дека власта се обидува статистичката корекција на БДП да ја претстави како намалување на јавниот долг, иако неговиот апсолутен износ продолжува да расте.

