Хроника
Дознај прв
ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ОДБЕЛЕЖА 82 ГОДИНИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО: Почит за хероите и сеќавање на историјата
Со свечена церемонија, положување цвеќе и присуство на 97-годишниот Јован Манчевски, Ѓорче Петров одбележа 82 години од ослободувањето.

Со свечена церемонија и положување цвеќе, во Општина Ѓорче Петров беше одбележана 82-годишнината од ослободувањето на општината – 14 Ноември. На настанот присуствуваа градоначалникот Александар Стојкоски, претседателката на Советот Бранкица Дуковски, членови на Советот, претставници на делегации, бранители и бројни граѓани. Со положување цвеќе и минута молчење беше оддадена почит на борците и хероите кои ги положиле своите животи за слободата.
Сведоштво од 97-годишен учесник во историските настани
Посебен момент на одбележувањето беше присуството на 97-годишниот Јован Манчевски, единствениот жив борец од тој период и драгоцено живо сведоштво за историските настани. Тој сподели спомени и сведоштва за времето на борбата и ослободувањето, потсетувајќи на храброста, жртвата и решителноста на генерациите кои се избориле за слободата.
Порака за одговорност и подобра иднина на Ѓорче Петров
Градоначалникот Стојкоски истакна дека 14 Ноември не е само историски датум, туку и потсетник за одговорноста на секоја генерација кон заедницата и иднината. Тој порача дека борбата денес продолжува преку создавање подобри услови за живот, современа инфраструктура, квалитетно образование, безбедни населби и еднакви можности за сите граѓани. Одбележувањето, како што беше посочено, е потсетник дека историското наследство треба да се чува, а иднината да се гради со работа, единство и одговорност.

