Македонија
Дознај прв
СВЕТСКИ ДЕН НА ПРЕДВРЕМЕНО РОДЕНИТЕ БЕБИЊА: Најмалото бебе во скопската клиника тежело само 530 грама
На Клиниката за гинекологија и акушерство годинава се родиле 610 предвремено родени бебиња, а најмалото тежело само 530 грама. Во интензивна нега има 43 бебиња.

По повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња, Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје сподели податоци за најмалите пациенти и предизвиците со кои се соочува медицинскиот персонал. Оваа година, најмалото родено бебе на клиниката тежело само 530 грама, а било родено во шестиот месец од бременоста. Во виолетова боја, која е симбол на предвремено родените деца, денеска бил украсен одделот, а гости им биле и Лазар, Кирил, Мила и уште многу деца кои пред неколку години се родиле како мали пациенти на клиниката.
Мали бебиња кои денес се големи луѓе
Меѓу нив се Лазар, кој пред неколку години тежел само 820 грама, и Мила, која веќе 18 години е гостинка на одделот и денес студира медицина. Таа ја испратила пораката дека нејзиното рано раѓање било поттик да стане и самата дел од медицинската професија. Посебно внимание привлекол и најмалиот гостин, кој исто така бил роден како предвремено бебе, а денес ја споделил пораката „ќе биде добро“.
Годинава се родиле 610 предвремено родени деца
Директорката на клиниката Папаставиев истакнала дека најважни се редовната едукација, добрата опрема и поддршката за медицинските тимови кои секојдневно се борат за животот на предвремено родените бебиња. Според податоците на клиниката, оваа година се родиле 610 деца предвреме, а во моментот на одделот за интензивно лекување има 43 бебиња. Светскиот ден е потсетник на нивната борба, но и на посветеноста на здравствените работници и семејствата кои поминуваат низ овој тежок период.

