Македонија
Дознај прв
БАРОМЕТАРОТ НА КОРУПЦИЈАТА АЛАРМИРА: Институционални пропусти од загадената вода до застарените судски предмети
Барометарот на корупцијата предупредува на институционални слабости, загадената вода во Гостивар, ревизорски неправилности и застарување судски предмети.

Се бара истрага за состојбата со водата во Гостивар
Последниот Барометар на корупцијата нотира сериозни слабости во работата на институциите, од загадената вода во Гостивар до неправилностите утврдени во ревизорските извештаи. Во извештајот се оценува дека проблемот со гостиварскиот водовод не треба да се третира како изолиран инцидент. Се бара темелна истрага и утврдување конкретна одговорност за пропустите што го загрозиле здравјето на граѓаните. Како дополнителен проблем се посочува и недоволната доверба во правосудниот систем.
Застарувањето ги спасува предметите за висока корупција
Во Барометарот се наведува дека времето станало „најдобар адвокат“ на високата корупција, со посебен осврт на застарувањето на предметите „Талир 2“ и „Тотал“. Од Транспаренси потсетуваат и на извештајот на Европската комисија, според кој само 21 процент од граѓаните имаат доверба во судството. Како позитивни примери се издвојуваат обвинението против директорот на Инспекторатот за земјоделство, осомничен за барање мито од 100.000 евра, како и истрагите против двајца стоматолози и професорка од штипскиот универзитет. Извештајот оценува дека ваквите постапки се охрабрувачки, но дека се потребни посилни институции и навремени судски завршници.
