Македонија
Дознај прв
СТРУЧНА КОМИСИЈА ЌЕ ГО ИСТРАЖУВА СЛУЧАЈОТ СО 19-ГОДИШНАТА РОДИЛКА: Ќе учествува и експерт од странство
Стручна комисија од петмина лекари и експерт од соседна држава ќе проверува дали имало пропусти во третманот на 19-годишната родилка.

Ќе се проверува целиот тек на лекувањето
Министерството за здравство формира стручна комисија која треба да утврди дали имало пропуст во третманот на 19-годишната родилка од Струмичко, која по породување со царски рез останала неподвижна. Во комисијата ќе членуваат гинеколог, анестезиолог, невролог, неврохирург и радиолог. По барање на министерот за здравство, во надзорот ќе биде вклучен и медицински експерт од соседна држава, со цел да се обезбеди независна и објективна проценка. Комисијата ќе го разгледува целиот тек на третманот – од следењето на бременоста, преку породувањето, до понатамошното лекување.
Завршен е вонредниот инспекциски надзор
Државниот санитарен и здравствен инспекторат го завршил вонредниот надзор во болниците во Струмица и Штип, како и на Клиниката за неврологија во Скопје. Медицинската документација е обезбедена, а извештајот е доставен до Министерството за здравство, но неговата содржина засега не е објавена. Семејството тврди дека компликациите започнале веднаш по царскиот рез извршен на 26 јуни во штипската болница. Тие очекуваат надлежните да утврдат како дошло до влошувањето на здравствената состојба и дали постои одговорност за евентуални пропусти.
