Македонија

Во Европа се намалува, на Балканот расте употребата на тутун – во Македонија пуши речиси секој четврти граѓанин

Речиси секој четврти граѓанин во Македонија над 16 години секојдневно користи тутун и сродни производи. Во ЕУ употребата се намалува, но на Балканот расте.

Во Европа се намалува, на Балканот расте употребата на тутун – во Македонија пуши речиси секој четврти граѓанин

Македонија и натаму се наоѓа меѓу земјите со висока стапка на дневна употреба на тутун и сродни производи. Според последните достапни податоци, во 2022 година 22,5 отсто од граѓаните на возраст од 16 години и постари во земјава секојдневно користеле тутун или сродни производи.

За споредба, просекот во Европската Унија во 2025 година изнесува 16,5 отсто, што претставува намалување во однос на 17,5 отсто во 2022 година.

Балканот со повисока стапка од европскиот просек

За разлика од трендот во ЕУ, повеќе земји од регионот бележат раст на употребата. Највисока стапка има Турција со 29,6 отсто во 2025 година, по што следуваат Србија со 26,6 отсто и Бугарија со 26,3 отсто.

Црна Гора има 23,8 отсто, додека Хрватска во 2025 година достигнала 23,6 отсто. Грција, пак, бележи пад – од 24,2 отсто во 2022 година на 22,6 отсто во 2025 година.

Меѓу земјите од ЕУ, највисоки стапки имаат Бугарија со 26,3 отсто, Шведска со 23,9 отсто и Хрватска со 23,6 отсто. Најниски се регистрирани во Холандија со 9,9 отсто, Ирска со 11,7 отсто и Белгија со 13,6 отсто.

Мажите почесто користат тутун од жените

Податоците покажуваат и значителна разлика според полот. 20,8 отсто од мажите секојдневно користеле тутун и сродни производи, во споредба со 12,6 отсто од жените.

Најголем удел на дневни корисници има во возрасната група од 35 до 49 години – 21,3 отсто. Следуваат лицата од 25 до 34 години со 19,9 отсто и оние од 50 до 64 години со 19,8 отсто.

Најниска употреба е регистрирана кај најмладата и најстарата возрасна група, со 12,1 и 9,1 отсто.

И покрај високата стапка на употреба, податоците покажуваат дека 77,5 отсто од лицата на возраст од 16 години и постари во Македонија не користеле тутун и сродни производи или не ги користеле во последните 12 месеци пред истражувањето.