Македонија

НА МУАМЕД СЕЈДИНИ МУ Е УКИНАТ ПРИТВОРОТ: Гарантирал со 1,15 милиони евра

Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, ќе се брани од слобода откако судот прифатил гаранција од над 1,15 милиони евра.

НА МУАМЕД СЕЈДИНИ МУ Е УКИНАТ ПРИТВОРОТ: Гарантирал со 1,15 милиони евра

На поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, му е укината мерката притвор и тој ќе се брани од слобода. Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ја прифатил понудената гаранција во вредност од над 1,15 милиони евра. Гаранцијата се состои од хипотека врз недвижен имот.

Одземена му е патната исправа на Муамед Сејдини

За да се обезбеди присуството на Сејдини во понатамошната постапка, судот му определил мерка на претпазливост и му ја одзел патната исправа. Од Кривичниот суд информирале дека обвинителот дал позитивно мислење за предлогот за укинување на притворот. Решението станало правосилно бидејќи против него не била поднесена жалба.

Осомничен за проневера во службата

Сејдини е осомничен за кривично дело „Проневера во службата“. Според Обвинителството, додека бил претседател на ФФМ, на правно лице од Скопје му овозможил противправна имотна корист од речиси 660.000 евра. Станува збор за пари од програмата „HatTrick VI“ на УЕФА, наменети за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. Тој се сомничи дека без правно обезбедување одобрил авансна исплата од 20 проценти од договорот, вреден речиси 3,3 милиони евра без ДДВ.